Во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско учество (Civic Engagement Project), во периодот од 01 Јуни до 15 Јули 2021 година се спроведе нов бран на мерења на отвореноста на 80 општини и градот Скопје во Република Северна Македонија.
На ден 23.09.2021 ќе бидат објавени конечните резултати од истражувањето кое се спроведе од страна на Фондацијата Метаморфозис во партнерство со 8 локални граѓански организации меѓу кои и Квантум Прима-Кавадарци.
Се направи проценка на состојбата на доброто владеење на единиците на локалната самоуправа (ЕЛС) во Република Северна Македонија за 2021 година. Проценката е резултат на спроведеното истражување засновано врз Индексот на отвореност, чија цел е да го утврди степенот до кој се почитуваат принципите на доброто владеење.
Овој извештај нуди анализа на работата на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија во однос на принципите на транспарентност, свесност, пристапност и интегритет. Дополнително ЕЛС беа мониторирани според еден заеднички домен присутен во сите четири принципи, а тоа се отворените податоци.
Организацијата Квантум Прима беше задолжена за мерење на отвореноста на единиците на локалната самоуправа во Вардарскиот регион. Во однос на индикаторите кои се организирани во 4 области и 9 под области, ЕЛС во Вардарскиот регион најдобри резултати покажаа во под-областа на планирање и програмирање, додека најлоши резултати покажаа во под-областа транспарентност и отчетеност.
Истражувањето за 2021 година покажа дека повеќето општини не работат доволно за да ги задоволат стандардите за отвореност. Индексот на отвореност покажа дека во мерењето за 2021 Вардарскиот регион се наоѓа на трето место, меѓу кои општините Кавадарци и Велес се издвојуваат со најдобри резултати.
Според направеното истражување потребно е општините повеќе да работат на зголемување на отвореноста и нивното работење да го засноваат врз принципите на транспарентност, отчетност и учество, што, потпомогнато од новите технологии и иновациите, ќе го унапреди јавното управување и ќе ја зајакне јавната администрација и демократија.
Развојот на стратешки планови на општините треба да се базира на податоците од направените проценки на влијанието, трошоците и ефектите на политиките. Веб-страниците на општите треба да содржат подетални информации и податоци кои се однесуваат на работењето на јавните претпријатија основани од општината.
БЕЛЕШКА ЗА УРЕДНИЦИТЕ
Американскиот народ преку УСАИД има инвестирано повеќе од 830 милиони долари во Северна Македонија од 1993 година досега. УСАИД е водечка меѓународна агенција за развој во светот и двигател кој води до развојни постигнувања. Работата на УСАИД ја унапредува националната безбедност и економскиот просперитет на САД, ја отсликува американската великодушност и на земјите со кои соработува им помага на патот до самостоен и стабилен развој. За повеќе информации за работата на УСАИД во Северна Македонија, посетете ја нашата веб-страница https://www.usaid.gov/north-macedonia и следете нѐ на YouTube, Твитер и Фејсбук.