Семинар: Let’s Make It Real

Во периодот од 15-22 октомври оваа 2016та година, дел од тимот на Квантум Прима учествуваше на семинарот Let’s Make It Real, кој беше дел од Erasmus + проект, во соработка со организации од Италија, Полска и Турција.

Настанот се одвиваше во градот Торино во Италија и беше финансиран од Европската Унија. На настанот активно учествуваа 24 учесници од Италија, Македонија, Полска и Турција.

Тема на настанот беше претприемаштвото и претприемачката култура. Посебен осврт беше даден на можностите за финансирање на бизниси преку разни ЕУ фондови и грантови. Потоа нашироко беа презентирани можностите и концептите на модерниот дигитален маркетинг.

Исто така, голем дел од проектот беше практичен, со работилници, каде учесниците поделени во 5 групи создаваа свои бизнис и маркетинг планови, кои подоцна ги презентираа во една интерактивна симулација.

Проектот беше одлично место за вмрежување и создавање контакти. Исто така, од овој проект се изроди идеја за креирање на платформа за претприемачи www.letsmakeitreal.eu, која треба да биде лансирана на почетокот на 2017та, и која ќе биде еден вид социјална мрежа за претприемачи, фриленсери и млади ентузијасти.

Исто така, учесниците на проектот беа гости во старт-ап центар и бизнис инкубатор во Торино, Италија. Од многуте вакви центри кои постојат само во овој град, овој беше за медицина и био-хемија.

Во Италија постојат 3.825.458 мали и средни претпријатија, кои вработуваат вкупно 14.715.132 пред се млади луѓе. Имајќи го во предвид фактот дека од 1995 год. па наваму 80% од новите вработувања ширум светот се во мали и средни фирми и дека токму тие се оние кои ја движат напред економијата, Италија и ЕУ доста инвестираат во овој тип на центри.

Во овие старт-ап центри, младите иноватори, но и секој оној кој сака да истражува или да започне сопствен бизнис, може да ги искористи многуте бенефити кои ги нудат овие центри, како простор и опрема за истражување и развој, мрежа од потенцијални инвеститори, правна, логистичка, сметководствена и останата помош, финансиска поткрепа и грантови, како и даночни олеснувања.