Општина Кавадарци ги објави првите отворени податоци на својата веб страна

Општина Кавадарци на својата веб страна ги објави првите отворени податоци во csv формат. Со тоа, општината стана дел од првите општини во Македонија, кои објавија отворени податочни сетови на својата веб страна. Иницијативата за објавување на отворени податоци од страна на општините е иницирана и поддржана од фондацијата Метаморфозис.
Тимот на Квантум Прима учествуваше во обуките организирани од Метаморфозис, и заедно со менторот Божидар Христов, ги помагаа и насочуваа одговорните луѓе од општина Кавадарци да ги објават овие отворени податоци.
Од општината беа објавени вкупно 8 отворени податочни сетови, и тоа:
  • Лица вработени во Општина Кавадарци
  • Податоци за ООУ и СОУ
  • Приходи – буџет на општина Кавадарци
  • Проекти во општината
  • Расходи – буџет на општина Кавадарци
  • Регистар на Јавни претпријатија
  • Урбани и месни заедници
  • Членови на совет во општината

Овој тренд на објавување на отворени податоци од страна на општината е за големо поздравување и се надеваме праксата ќе продолжи и во иднина. Општина Кавадарци, со ова покажа, дека е отворена и транспарентна општина.

Разликата од претходно објавуваните отворени податоци е тоа што претходната пракса беше истите да се објавуваат само во pdf формат, а сега се објавуваат и во csv/excel формат, и со тоа се отвара можност на истражувачи, новинари или програмери да ги користат податоците за креирање на истражувања или програми од кои бенефит ќе имаат сите граѓани.