На 2 и 3 јуни 2022 беше спроведена анкета помеѓу учениците од трета година од трите средни училишта во Кавадарци, како дел од проектот „Започни сопствен бизнис“, поддржан од Општина Кавадарци. По случаен избор беа избрани неколку класа, кои после анкетата учествуваа во предавање/обука за бизнис и претприемништво.
Анкетата беше спроведена на начин што на учесниците им беа поделени прашалници и им беа дадени кратки инструкции за пополнувањето. Вкупно анкетата ја пополниле 151 лице (N = 151). Подоцна податоците од прашалниците беа внесени во SPSS и беше направена дескриптивна анализа на податоците од анкетата.
Од резултатите од анкетата може да заклучиме неколку работи и поенти:
– Средношколците од Кавадарци имаат релативно висока себе-перцепција за нивните познавања од бизнис, маркетинг и продажба (со просек над 6 на скала од 1-10), а малку послаби познавања од процедурите за отворање на фирма во Македонија (просек 4,61 на скала од 1-10). Ова покажува дека самата обука, која имаше дел и за конкретните процедури за започнување бизнис и отворање фирма, била доста релевантна за учесниците.
– Кумулативно 70% од испитаниците одговориле дека образованието за бизнис и претприемништво во рамките на нивното училиште е доволно да ги подготви да започнат сопствен бизнис, а кумулативно 30% одговориле дека не е доволно.
– Огромен процент од испитаниците (над 90% во сите три случаи) се согласуваат со тврдењата дека образованието за бизнис и претприемништво треба да има висок приоритет во средното образование, треба да има посебни предмети за бизнис и претприемништво и истото треба да биде пред се практично (со симулации и развој на конкретни бизнис идеи).
– Најважниот и донекаде изненадувачки заклучок е тоа што 80% од испитаниците одговориле дека лично во иднина би сакале да започнат сопствен бизнис. Ако претпоставиме дека примерокот (кој ги опфаќа сите 3 средни училишта од Кавадарци) е релативно репрезентативен за средношколската популација од Кавадарци, тогаш ова е доста интересен наод и го потврдува фактот дека младите од Кавадарци се доста претприемачки настроени. Сепак, во интерес на научната строгост и веродостојност, мора да кажеме дека испитаниците од сите 3 средни училишта беа исклучиво од трета година и примерокот беше делумно случаен.
– За крај, не помалку важен наод од анкетата, е тоа дека скоро половина од испитаниците немаат размислувано за конкретна бизнис идеја (нешто на што може да се работи во иднина со помош на општината и цивилното општество). Малку повеќе од една третина или 36%, одговориле дека имаат конкретна бизнис идеја.
Целата статистичка анализа може да ја погледнете и симнете од следниов линк.