Извештај од анализата за делницата Демир Капија – Смоквица

Во месеците јануари и февруари 2016-та година, тимовите на Институт Квантум Прима и Регионален Центар за Одржлив Развој, секако под менторство на м-р Емил Шурков од Центарот за Истражување и Креирање Политики, изработија детална кост бенефит анализа за делницата Демир Капија – Смоквица. Главна цел на анализата беше да ги детектира и спореди сите трошоци и продобивки од овој инфраструктурен проект и на крај да се одреди вкупната нето сегашна вредност, изразена во монетарна вредност.

Автори на трудот се м-р Благој Ѓелевски од КВАНТУМ ПРИМА, Младен Мицевски од Регионален Центар за Одржлив Развој и м-р Емил Шурков од ЦИКП.

Подоле ви ги презентираме само воведот и заклучокот од анализата. Целиот труд може да го најдете на следниов линк, на веб страницата на проектот Фискаст. Анализата е објавена и во печатено издание во вид на книга со други кост бенефит анализи на останати политики, кои ги правеа други невладини организации од Македонија.

Целиот проект беше организаиран од Институтот Finance Think, а финансиски помогнат од Британската амбасада во Скопје.

avtopat

Вовед

Делницата Демир Капија – Смоквица беше последната неизградена делница од Коридорот 10, кој се протега од Салцбург, Австрија, па сè до Солун во Грција. Во Република Македонија, оваа делница, која сега се води како М1 (магистрален пат), е дел од Автопатот Е-75 (од 2008 година „Александар Македонски“), кој е долг 174 километри и кој почнува од граничниот премин „Табановце“ на север, па сè до граничниот премин „Богородица“ на југ.

Оваа делница со должина од 32,8 километри, од Демир Капија до селото Смоквица, поради лошиот терен, долго време беше црна точка во патната мрежа во Македонија. Тоа, пред сè, се должеше на релативно долгото време за поминување на делницата бидејќи ограничувањата се 80 и 60 км/ч, потоа на големиот број сообраќајни несреќи, како и некомфорното возење и поголемите оперативни трошоци за возилата.

Во летниот период, кога се зголемува протокот на возила, особено на странски туристи што патуваат во Грција на одмор, сообраќајот беше дополнително отежнат. Секако, тука е и присуството на тешки товарни возила, кои преку граничниот премин „Богородица“ (кој опфаќа 80 проценти од протокот на возила кон Грција) транзитираат до пристаништето во Солун за истоварање и за товарање.

Високата цена на чинење на автопатот беше причина долго време оваа делница да биде запоставена. Сепак, со помош од пари од европски фондови и заеми од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и за развој, во 2012 година е почната изградбата. За реализација на проектот се обезбедени 45 милиони евра од претпристапните фондови на Европската унија (ИПА), 100 милиони евра од ЕИБ, 90 милиони евра од ЕБОР,  како и шест милиони евра од Агенцијата за државни патишта на Република Македонија.

На тендерот се огласија 15 фирми, а беше избрана грчката фирма „Актор“. Вкупната цена на договорот со „Актор“ е 210.148.177 евра без ДДВ. Рокот за завршување е септември 2016 година.

Главна цел за изградбата е намалување на оперативните трошоци на возилата, заштедата на време и побрз проток на возила, што ќе влијае позитивно на зголемување на транзитот на лица и на стока и подигање на нивото на трговската размена меѓу Македонија и Грција.

Со оваа анализа целта е да се презентираат сите трошоци и потенцијални придобивки од проектот и да се извлече заклучок во врска со исплатливоста на проектот на подолг период. Како референтен период е земен периодот од 30 години[1]. Специфичните цели се обележување на сите трошоци и потенцијални придобивки, што соодветно би резултирало со пресметка на сегашната нето-вредност на проектот за период од 30 години. Анализата е ex ante, поради фактот што придобивките од проектот допрва се очекуваат.

[1]За кост-бенефит анализа за патишта, стандарден период за анализа се зема од 25 до30 години (European Commission, 2014)

д2

Заклучок

Анализата за трошоци и за придобивки на изградбата на делницата од автопат Демир Капија – Смоквица покажа дека на долг рок од 30 години сегашната нето-вредност е позитивна и изнесува 9.699.992 евра (во 2041 година) или –5.430.475 евра за рок од 20 години (до 2031 година). Просечниот годишен поврат на инвестицијата на рок од 30 години, без да се пресметаат трошоците за исплата на камати, изнесува 0,13 проценти за иницијална инвестиција од 252 милиони евра. Главната претпоставка на која се темелат анализите за трошоци и за придобивки за изградба на автопатишта, а која понатаму има далекосежно влијание врз сите искористени фактори, е пресметувањето просечен годишен дневен сообраќај (ПГДС). Во случајот со Македонија беше земен ПГДС од 10.000 возила и е заснован на пресметки извршени за сообраќајот на Коридор 10, односно пораст на сообраќајот на Коридор 10 од шест проценти на годишно ниво. Ако се земат предвид македонските извори како референтна точка за пораст на ПГДС од 2,43 проценти и ПГДС од 5.360 возила, исплатливоста на делницата би се зголемила за дополнителни 10 до 20 години, а вкупниот период на отплата на инвестицијата меѓу 40 и 50 години.

демир капија смоквица

Сепак, капиталните инфраструктурни проекти, и покрај тоа што се капитално интензивни во почетните години (во овој случај околу девет милиони евра по километар) и за кои е потребно натамошно долгорочно задолжување на државата преку заеми од меѓународни финансиски институции, се, сепак, исплатливи на подолг рок и придонесуваат во зголемувањето на генералната социо-економска благосостојба во земјата, но и создаваат потенцијал за натамошен развој, кој е тешко да се предвиди..

Како трошоци во оваа анализа беа земени трошоците за експропријација на приватно земјиште, трошоците за проектна документација, трошоците за изградба и за надзор, трошоците за одржување на делницата, трошоци за исплата на кредитите, фактори на ризик од постоење на магистралниот пат Демира Капија – Смоквица, и административни трошоци за патарините.

Од друга страна, придобивките ќе се состојат во заштедата на време поради зголемената максимална дозволена брзина, како и поради намалената вкупна должина од 5,5 км. Понатаму, значително ќе се намалат оперативните трошоци на возилата (заштеда на гориво и на амортизација). Исто така, ќе се намалат и сообраќајните несреќи, бројот на загинати, повредени и материјалната штета. Придобивките ќе се покажат и во зголемувањето на економската активност, особено во секторот транспорт. Се очекува компаниите, поради намалените трошоци, да го зголемат користењето на делницата и да го прошируваат својот бизнис.

Исто така, се очекува позитивно влијание врз извозот и порастот на БДП, за чиешто попрецизно мерење се потребни дополнителни анализи. Придобивка ќе бидат и приходите од патарините, кои се очекува да бидат значителни под услов да се одржи проектираната стапка на проток на возила по автопатот Е-75, кој е дел од Коридорот 10.