15 март 2018, Кавадарци
Денес во големата сала во Општина Кавадарци се одржа информативна средба со засегнати страни од Општина Кавадарци на која присутните беа информирани за целта и активностите од проектот „Мои пари, моја одговорност: Партиципативно буџетирање во општините во Македонија“.
Целта на проектот „Мои пари, моја одговорност: Партиципативно буџетирање во општините во Македонија„ е да се подобри праксата и учеството на локалните засегнати страни во процесот на локално буџетирање и да се зголеми ефикасноста на трошењето на општинските пари. Проектот е спроведуван од FISCAST мрежата. FISCAST мрежата е неформална алијанса чија визија е транспарентно, одговорно и оддржливо трошење на јавните пари за зголемен економски раст.
На средбата беа присутни претставници од невладини организации, советници, претставници од политички партии, бизнис секторот, како и граѓани на Кавадарци.
По излагањето од страна на Благој Ѓелевски, претставник на организацијата Квантум Прима и координатор на проектот за општините Кавадарци и Неготино, се отвори дискусија меѓу присутните.
Заеднички беше впечатокот дека е потребна поголема вклученост на граѓаните во процесот на планирање и донесување буџет, а особено беше истакната потребата од организирање на Буџетски Форуми во периодот пред да се донесе Буџетот, каде граѓаните би имале можност со свои идеи и предлози да учествуваат подиректно во процесот на донесување општински буџет, а со тоа да влијаат и на поефикасно трошење на нивните пари.
Од организаторот беше истакната благодарност за подршката од локалната власт (и од градоначалникот и од Советот) за спроведувањето на проектот, кој ќе трае до април 2020 година.
Проектот има три главни цели кои треба да се постигнат:
- Зголемување на учеството на локалните заинтересирани страни – граѓанското општество, бизнис заедницата, граѓаните, локалните медиуми – во процесите на локално буџетирање;
- Зголемување на свеста на локалното население за тоа како трошењето на општинските пари влијае на квалитетот на нивниот живот;
- Зголемување на кредибилитетот и ефикасноста на одлуките на локалните власти во врска со трошењето на јавните пари, како и подигање на свеста за (потребата од) транспарентност во врска со тоа.